Zorka

post-header

“Ова веќе еднаш го имам поминато, ништо страшно и ништо поразлично”, си размислувам додека ја пакувам торбата во болничката соба, во стомакот ми летаат пеперутки и се подготвувам да ја однесам бебушка дома за прв пат. Сопругот пресреќен ме чека во белиот долг ходник, а не знае дека два дена наназад си мантрам ист муабет во глава за да не се исплашам од новиот старт, после 6 години.
Кога ќе им кажеш на луѓето дека стануваш мајка, по втор пат, а дома чуваш три деца, помислуваат дека си експерт во областа на родителството. Експерт сум, ама во тоа да не ме изненадува ништо што еден скоро тинејџер и едно скоро прваче како идеја може да го добијат за да си го пополнат времето. Ама ти всушност си исплашена од сите можни сценарија во глава, исто како и првиот пат. Нормално, ова е ново човече кое се вселува во твојот дом, а веќе постоечките кои те чекаат дома, не знаеш како ќе се навикнат на целата ситуација. Домот е подеднакво заеднички на сите постоечки станари и на новиот, ама само ти го чистиш.

Се е исто! Нема потреба од паника, ова е само уште еден старт, си размислувам, ама гледам како масичката за компјутер, сега е катче за измолзување на млеко, па наместо компјутерот, таму сега стои болчниката пумпа за млеко, во кујна на местото на кафематот стои стерилизатор, а на местото на кое чував облека вон сезона, сега стои цела една продавница за бебешка облека.

И тогаш го гледаш тоа мало човече склупчено во твоите раце, кое не знае за ништо друго, освен за мир, топлина, љубов и храна. И те облева спокој. Држејќи го во раце, човеченцето се прозева и растегнува, а тебе ти текнува дека ништо поубаво немаш видено одамна. и дека баш тие рачиња, муциња, образи се производ и доказ на една чиста и искрена љубов, помеѓу тебе и твојот партнер.

И одденаш стравот заминува и те облева храброста, дека можеш се, можеш уште повеќе и можеш подобро.

Ова само уште еден старт….

Previous post
Next post
Related Posts
Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *