Јас сум Зорица Николовска, дел од вас ме знаат како Зорка, од Радио 2 (Тик Так и Зорка), дел како Мис Мама од инстаграм. Секако, тука е и Подкастот на Зорка каде постојано се трудам да ве мотивирам и расположам да ја покажете на светот вашата најубава верзија од себе!
Водена од позитивната мисла секојдневно, верувам дека светот може да биде подобро место за живеење, ако промената што сакаме да ја видиме почне од нас.
Мајка и маќеа на двајца прекрасни момчиња и една мала лепотица, сопруга на мојата најголема љубов, Горан! Повеќе од 15 години функционирам на радио, љубов ми е фотографијата, а слободното време сакам да го потрошам со семејството или со добра книга. Често може да го чуете мојот глас во многу ТВ реклами, разни проекти, како и цртани филмови.
Со гордост можам да се пофалам дека сум еден од авторите на Дневникот за Трудници и уредник на Прирачникот за Родителство на Др. Спук.
Втората бременост ме натера да размислувам дека можам да поставам безброј прашања во врска со бременоста, но одговорите да ги објавам, наместо да ги чувам себично за себе, за да можат да ги преслушаат сите, така и настана подкастот #ТрудничкиМуабети. Во периодот на бременост се случуваат толку многу промени во телото на една жена, што просто е неверојатно колку мајка природа не направила посебни нас жените, да можеме да го искусиме сето тоа кое ни се случува 9 месеци.