Долго време ѝ бев најголем критичар.
Ја будев со „мораш“ и ја заспивав со „не доволно“.
Ја гледав во огледало и ѝ барав мана — подочњаци, нокти, вишок килограми што никако не успева да ги стопи.
Ја туркав секогаш последна: после детето, после мажот, после обврските, после сите….
И еден ден, додека ја гледав уморно, пред да заспие, откако завршив се и за сите- сфатив нешто важно.
Секогаш сум мислела дека НАЈВАЖНОТО е само да се грижам за другите, а во исто време ја занемарував најважната личност — себе. Секој пат кога ќе реков „немам време“ или „подоцна“, ѝ одзедов дел од нејзината енергија, дел од нејзиниот мир.
Ја будев со аларми, обврски и грижи.
Ја трчав низ денови што никогаш не завршуваа.
Ја криев зад силата — таа вешта маска што ја ставаш кога си премногу уморна за да објаснуваш колку си уморна.
Секој ден беше трка со часовникот, со обврските, со очекувањата на сите други. Секогаш имав време за сите, освен за моите мисли и чувства. Искрено, некогаш немав време ни за нив. Кругот се вртеше, ама времето недостигаше.
Секогаш бев тука за детето, за партнерот, за пријателите, за работата — но никогаш за тишината во која можев да се слушнам себеси. Секој пат кога ќе си легнев во кревет, се чувствував празно, а сепак со чувство дека нешто не е направено, нешто не е доволно.
Имаше моменти кога ми се чини дека ја изгубив самата себе.
Не ја препознавав жената што ме гледаше во огледалото — уморна, исплашена, со очи што бараа одмор.
И во тие моменти, почнав да сфаќам дека морам да ѝ се извинам.
Да се извинам затоа што сум ја ставала последна, жената која ја гледам во огледало. Затоа што мислев дека љубовта кон себе е себичност. Затоа што премолчував кога нешто ме болеше, мислејќи дека морам да издржам. Да се извинам, затоа што секој пат кога дозволив да се исцрпам физички и емоционално, се чувствувам виновна за тоа.
И еден ден, додека ги собираше остатоците од сè што беше — жената што ја гледав во огледалот се расплака.
Не од тага, туку од препознавање.
Како да си ја здогледала стара пријателка што одамна си ја загубила.
И реков- ИЗВИНИ што секогаш ги ставав сите пред тебе.
Што ги знаев сите родендени, обврски, навики, а заборавив кога последен пат си спиела осум часа без грижа на совест.
Извини што си мислев дека љубовта кон себе е себичност, а сега знам дека без неа нема сила, нема мир, нема ние.
Извини што не ти дозволив да се одмориш.
Што секогаш барав уште — уште трпение, уште насмевка, уште енергија, уште љубезност…
Што мислев дека тоа те прави добра, а всушност те правеше невидлива.
Извини што ја слушав тишината кога срцето ти шепотеше:
„застани малку“. Извини што ти ја заменив нежноста со издржливост. Што ти ги потиштив границите…
Извини што не те слушав.
Сега те слушам.
И слушам како дишеш побавно.
И еве ме — конечно те гледам.
Без филтри, без цел, без глума.
Те гледам таква каква што си: уморна, вистинска, силна и нежна во исто време.
Од денес — ветувам дека ќе бидам твоја сојузничка, не твој судија.
Ќе ти давам денови кога нема да мораш ништо.
Ќе ги бришам „морам“ и ќе ги заменувам со „сакам“.
Ќе те почитувам и кога не си продуктивна, и кога само сакаш да седиш и да гледаш во ѕид.
Ќе те сакам токму тогаш најмногу.
Ќе ти давам време што не го објаснуваш никому.
Ќе те носам на прошетки без цел.
Ќе го пијам кафето со тебе, топло, не ладно.
Ќе те пофалам, дури и кога никој нема да те забележи.
Ќе те чекам кога ќе сакаш само да молчиш.
Затоа што конечно сфаќам:
не мора да бидеш совршена за да бидеш достојна.
Мора само — да си простиш.
Најтешкото, а највистинското извинување
е она што си го должиш себеси.
Доволно е да си простиме себеси, да се грижиме за себе и да се потсетуваме дека сме важни. И тоа е мојата порака до секоја жена која се изгубила во светот на обврски и очекувања: извини си на себе, и врати се кај себе.

