Ајде да не се лажеме. Сите имаме изговори. Не оние евтините, туку убаво спакуваните. Со панделка, со логика, со „реални причини“. Такви што звучат доволно убедливо за да си поверуваме самите на себе.
Ги користиме кога сме уморни.
Кога ни е страв.
Кога не ни се ризикува.
Кога не ни се почнува од нула. Пак.
И да бидеме искрени – изговорите не се проблем сами по себе. Проблемот почнува во моментот кога ќе им дадеме адреса. Кога ќе се вселат во нашето секојдневие. Кога од „само овојпат“ ќе станат „па нормално дека е така“. Тогаш веќе не ги користиме изговорите – тие нè користат нас.
Со тек на време, стануваат удобни. Сигурни. Предвидливи. А ние… малку потивки. Малку помали. Малку подалеку од она што некогаш сме сакале да бидеме. Не затоа што немаме потенцијал.
Туку затоа што се навикнуваме да не си поставуваме непријатни прашања.
Што ако пробам?
Што ако не успеам?
Што ако успеам – па животот ми се смени?
Затоа изговорите се толку привлечни. Тие не бараат ништо од нас. Само да останеме каде што сме.
Прашањето не е дали ги имаме.
Прашањето е: до кога ќе им дозволуваме да ни го водат животот?
Можеби не треба да направиме голем пресврт.
Можеби е доволно само… да се помрднеме малку.
Од место. Од навика. Од истата приказна што си ја раскажуваме со години.
И да видиме што ќе се случи.
Изговор број 1. „Немам време“
Превод: немам приоритет.
Реалност: 20 минути дневно се доволни за да почнеш нешто што ќе ти го смени животот.
Изговор број 2. „Премногу сум млад/а“
Премлад си… за страв.
Совршено на време си за нови обиди.
Изговор број 3. „Премногу сум стар/а“
Никој не ти дал рок на траење.
Освен ако сама не си го запишала.
Изговор број 4. „Немам пари“
Немаш пари – имаш идеја, телефон и интернет.
Тоа денес е повеќе од доволно за почеток.
Изговор број 5. „Никого не го интересира што имам да кажам“
Не е дека никого не го интересира.
Само уште не си се пронашла себе доволно длабоко. А секогаш ќе има некој кој сака да те слуша.
Изговор број 6. „Никогаш нема да успеам“
Ова не е факт.
Ова е навика на мислење што може да се одучи.
Изговор број 7. „Немам доволно познанства/врски“
Врските не се наследство.
Се градат. Со храброст и со една едноставна порака – „Здраво“.
Изговор број 8. „Никогаш не ми оди“
Понекогаш не оди затоа што уште не си истрајала доволно.
А понекогаш – затоа што не е тоа.
Изговор број 9. „Не знам како“
Добра вест: никој не знаел на почеток.
Гугл, прашувај, пробај. Толку.
Изговор број 10. „Немам доволно образование“
Образованието не завршува со диплома.
Завршува кога ќе престанеш да бидеш љубопитна.
Изговор број 11. „Не сум доволно талентирана“
Талент без работа е хоби.
Работа без талент често станува успех.
Изговор број 12. „Никој не се интересира за мојата работа“
Можеби не си пред вистинските луѓе.
Публиката ќе те најде.
Изговор број 13. „Родителите/роднините не веруваат во мене“
Понекогаш тие гледаат низ своите стравови.
Ти гледај низ своите соништа.
Изговор број 14. „Пријателите не ме поддржуваат“
Не секој пријател оди со тебе во секоја фаза од животот.
И тоа е во ред.
Изговор број 15. „Премногу сум уморна“
Понекогаш си уморна од тоа што живееш живот што не те полни.
Размисли и за тоа.
Изговор број 16. „Немам најнов ….. (технологија)“
Имаш интернет.
Тоа е новото „имам сè“.
Изговор број 17. „Немам кола“
Имаш нозе.
И начини. Кога навистина сакаш – се снаоѓаш.
Изговор број 18. „Срамежлива сум“
И јас бев.
Сè додека не сфатив дека најубавите работи не се случуваат од страна.
Изговор број 19. „Интровертна сум“
Интровертноста не е слабост.
Само не дозволувај да стане нов изговор.
Изговор број 20. „Јас сум најстрога кон себе“
Тоа може да биде сила.
Ама и нож ако не знаеш кога да застанеш.
Изговор број 21. „Не знам што сакам“
Започни со тоа што не сакаш.
И слушај се почесто.
Изговор број 22. „Знам што сакам, ама нема резултати“
Резултатите доаѓаат кај тие што учат од подобрите.
Не од тие што се откажуваат први.
Изговор број 23. „Немам ментор“
Прашај.
Најлошото што може да се случи е да ти каже некој „не“. А додека не прашаш, секогаш одговорот ќе биде НЕ.
Изговор број 24. „Од таму каде што сум, никој не успева..“
Секогаш има некој што е прв.
Зошто да не си ти?
Изговор број 25. „Никогаш нема да ја победам оваа навика“
Навиките не се победуваат со сила.
Се лекуваат со разбирање и помош.
Изговор број 26. „Никогаш нема да ја најдам вистинската личност“
Кога живееш автентично, ги среќаваш вистинските луѓе.
На вистинските места.
Изговор број 27. „Изгледот ме кочи“
Најчесто не не кочи телото.
Кочи разговорот што си го водиме во глава за тоа како изгледаме (всушност како ние си изгледаме себеси, иако често имаме искривена слика за тоа како нашето тело навистина изгледа…).
Изговор број 28. „Ги повторувам истите грешки“
Грешките не се проблем.
Незапишаните лекции се.
Изговор број 29. „Не можам сама“
Никој не може сè сам.
Ама некој мора да почне. Биди тоа ти.
Изговор број 30. „Сите така прават“
Ти не си сите.
И фала богу.
БОНУС
„Што ќе кажат другите?“
Ќе кажат нешто. Секогаш.
Прашањето е: што ќе кажеш ти за себе ако не пробаш?

