Клучни моменти
- Срцето ти е на две страни – една што копнее по малку од старата „јас“, а друга што се крши од помислата дека деновите повеќе нема да бидат само ваши.
- Наместо да се оптоварувам со стравови, се трудам да бидам присутна. Да ја гушкам подолго. Да се смеам посилно. Да ѝ зборувам, дури и кога не ме разбира.
- Знам дека нема да биде лесно. Но, исто така знам дека ќе успееме.
Девет месеци го носиш во себе, уште толку (или помалку) го држиш во прегратка без да го пуштиш. И еве, доаѓа моментот кога треба да се вратиш на работа. Срцето ти е на две страни – една што копнее по малку од старата „јас“, а друга што се крши од помислата дека деновите повеќе нема да бидат само ваши.
Го броев месеците до породувањето со возбуда, а сега ги бројам наназад, но со сосема поинаков товар во срцето. Останува уште еден месец од моето породилно, еден месец пред повторно да станам „професионална јас“, а не само „мама“. Иако знаев дека овој момент ќе дојде, сега кога е толку блиску, ми изгледа нереално.
Секој ден го поминувам со неа уште посвесно. Ги впивам нејзините мириси, се смеам гласно кога ме гледа со нејзините крупни очиња, се трудам да го запомнам секој нов звук што ќе го издаде. Сакам да ја „запамтам“ така како што е сега, бидејќи знам дека ќе се промени. И дека дел од тие промени ќе се случат без мене покрај неа.
Се јавуваат сите оние прашања што ги мачат секоја мајка на оваа раскрсница – ќе биде ли добро без мене? Ќе ме бара ли кога ќе плаче? Дали некој ќе ѝ ја даде истата топлина што јас ја давам?
Од друга страна, знам дека и јас сум повеќе од само мајка. Се радувам на можноста повторно да работам, да се вратам во динамиката што ја сакам, да се чувствувам корисно и надвор од домот. Но, истовремено, ме јаде вината – дали воопшто треба да се радувам на тоа?
Овој последен месец ќе биде еден вид преодна зона – место каде што ќе се збогувам со оваа фаза и ќе се подготвам за следната. Ќе учам како да балансирам, како да се подготвам за разделбата, но и како да ја прифатам новата реалност.
Последниот месец од породилното тече побрзо отколку што очекував. Секој ден ми е некаква мешавина од радост и тежина – радост што сè уште сум тука, што го впивам секој момент со моето бебе, а тежина од мислата дека наскоро ќе треба да ја оставам во нечии други раце, додека моите ќе држат лаптоп и тастатура наместо неа.
Си ветив дека ќе уживам во секој преостанат ден. Наместо да се оптоварувам со стравови, се трудам да бидам присутна. Да ја гушкам подолго. Да се смеам посилно. Да ѝ зборувам, дури и кога не ме разбира.
А во позадина, подготвувам сè – правам план како ќе изгледа утрото кога првпат ќе ја оставам, се обидувам да создадам рутина што ќе ни го олесни транзициониот период. Знам дека нема да биде лесно. Но, исто така знам дека ќе успееме.
Уште малку… уште неколку недели, неколку утра, неколку бескрајни бакнежи пред новиот почеток. ❤️