Клучни моменти
- Сфатив дека се обидувам да бидам совршената мајка која не постои...
- Почнав да гледам во моментите...
- Си дозволив да не бидам „најдобра“ секогаш....
- Вашата љубов е она што навистина значи!
Денот кога решив дека нема да бидам совршена мајка, беше ден како сите други – со утро полно со брзање, нервоза и непотребни префрлања меѓу мене и сопругот, со истурена чаша млеко и расфрлани лего коцки на подот, со кревети што требаше да се средат, со детски смеења и солзи што се мешаа како хор. Се чувствував како да сум на нозе 24/7, обидувајќи се да бидам воспитувачка, чистачка, готвачка, пријателка, наставничка и понекогаш магионичар кој ќе реши сè со еден замаф на раката и три магични зборови.
Тоа утро, кога поголемото дете ме прегрна за да ми покаже нешто што ми изгледаше во моментот и хаосот толку неважно и минорно, а јас изреагирав нервозно, почувствував тежина во срцето. Знаев дека љубовта е таму, ама уморот ми ја затемнуваше секоја позитивна мисла. Погледнав во огледалото и додека гледав во уморното и обесено лице, сфатив дека се обидувам да бидам совршената мајка која не постои.
Тогаш се запрашав: „Зошто се мачам да бидам совршена, кога децата ме сакаат токму онаква каква што сум?“
И го направив првиот чекор – си дозволив да бидеме нормални, да имаме хаос, да имаме денови кога ќе плачеме и ќе се смееме истовремено.
Наместо да се обидувам да ја поправам секоја ситница, што не ми се допаѓа, почнав да гледам на моментите – на детската смеа, на прегратката пред спиење, на онаа малечка рака што ме држи кога е уплашено. Почнав да сфаќам дека совршенството е илузија, а љубовта, трпението и присутноста се вистинската магија на мајчинството.
Си дозволив да не бидам „најдобра“ секогаш. Зошто и тогаш кога завршував се, не бев задоволна од резултатот. Секогаш недостигаше уште нешто. Ми се чинеше дека секогаш жртвувам некого или нешто. Најчесто себе си и своето задоволство и мир.
Си дозволив да направам грешки, да учам, да се смеам на хаосот и да се прифатам себеси каква што сум. И знаеш што? Сè се промени.
Деновите не станаа помалку предизвикувачки, ама срцето ми стана посреќно и пополно. Се смеев повеќе, плачев помалку од вина и сфатив дека тоа што сум присутна поркај децата и сопругот, што ги сакам и што се грижам, е доволно.
Мајки, ако се чувствувате како да не сте доволни – знајте дека не сте во право. Дозволете си да бидете луѓе, нормални, изморени, среќни, несовршени.
Вашата љубов е она што навистина значи. Децата не сакаат совршена мајка – тие сакаат мајка што е тука, што ги слуша, што ги гушка и што ги сака со цело срце. И знам дека тоа го правите, но понекогаш уморот и нервозата ја заматува сликата.
И така, денот кога решив дека нема да бидам совршена мајка, стана еден од најубавите денови во мојот живот. Ден кога се прифатив себе баш онаква каква што сум – беше денот кога сфатив дека вистинската сила на мајчинството е во љубовта, а не во перфекцијата.
Со љубов,
Зорка