Утрото кај мајките не почнува со „Добро утро“. Почнува со глас што не знаеш од каде доаѓа, ама знаеш дека е итно:
„МАМООоооооооооо!“
Мајчинството доаѓа со глас што те буди од најдлабок сон и ти кажува дека светот гори, а проблемот е што чорапот не е тој чорап. Стануваш. Уште не знаеш која си, ама знаеш дека си мајка. Очите се отворени, ама мозокот уште не е вклучен. И пред да стигнеш до тоалетот, веќе си решила три проблеми, два конфликта и едно „ама јас сакав друго“.
Одиш во кујна со една јасна, скромна желба – кафе.
Го правиш. Мириса убаво. Топло е. Совршено.
Го оставаш „само за секунда“.
Во таа секунда:
– некој плаче
– некој е гладен
– некој ја истурил водата
– некој не сака да се облече
– некој сака да се облече, ама не тоа што си го спремила
Кога повторно ќе се сетиш на кафето, тоа е ладно.
Стои исправено и мирно, таму во кујната, како симбол на сите планови што си ги имала за денот.
Денот продолжува како маратонот за кој никогаш не си се пријавила.
Машината за алишта? Секогаш работи, ама алиштата никогаш не се средени.
Ручекот? Направен. Изеден? Под знак прашање.
Куќата? Чиста… пет минути.
Ако некој дојде ненајавено, имаш две опции:
- „Извини за хаосот“
- „Извини, ова е најдобро што можев денес“
И двете се вистинити.
Денот продолжува во еден чуден ритам што само мајките го разбираат. Секогаш има нешто што „само уште малку“ треба да се среди. Тишината е сомнителна. Препремногу тишина значи дека нешто се случува.
А ти? Ти си некаде помеѓу.
Постојано си во мисла дека ќе седнеш подоцна.
Кога ќе заспијат децата.
Кога ќе завршиш уште ова.
Кога ќе средиш уште она.
Кога сите ќе заспијат – ти нема. Седиш, гледаш во телефонот, или во ѕидот, или во ништо.
Кога конечно ќе дојде тишината – не знаеш што да правиш со неа.
Телото е уморно, мозокот е полн, а ти само скролаш.
Не затоа што сакаш, туку затоа што немаш сила за ништо друго.
Мозокот врти список од работи што не си ги направила, а телото вели: „Доста е.“
И наместо енергија, имаш само една желба – никој да не те вика по име барем 10 минути.
Мајките имаат супермоќ што никој не ја спомнува. Знаеш точно кое дете те вика без да гледаш. Знаеш дека тишината значи „нешто не е во ред“. Можеш да држиш дете, телефон и торба истовремено, ама не можеш да се сетиш каде си ги оставила сопствените клучеви.
И да, не можеш да отидеш во тоалет сама.
Некој секогаш има итно прашање токму тогаш.
Има денови кога си трпелива и смирена.
Има денови кога си нервозна и чувствителна.
Има денови кога си и двете во исто време – и тоа во рок од пет минути.
Ќе се изнервираш за глупост, па ќе се почувствуваш виновно. Ќе се насмееш искрено, па ќе си речеш дека сепак е убаво. Ќе се запрашаш дали правиш доволно, дали си доволна, дали можеше подобро.
А вистината е:
даваш сѐ се од себе!
Кога повторно ќе се сетиш на кафето – ладно е.
Стои таму како тивок сведок дека плановите и мајчинството ретко се договараат.
И знаеш што?
Ќе го испиеш. До крај. Зашто е твое.
Мајчинството не е уредна приказна. Мајчинството е „уморна сум и благодарна во исто време“.
Мајчинството е мешавина од љубов, хаос, смеа, нервоза и ладно кафе.
И ако денес ништо не испаднало како што си планирала,
ама сите се нахранети, живи и сакани –
денот е добар!

