Ако си мајка, голема е шансата дека секој ден ти изгледа како трка со препреки. Стануваш, правиш појадок, облекуваш дете (или повеќе деца), одговараш на пораки, пробуваш да испиеш кафе додека уште е топло (спојлер: ретко успеваш), одиш на работа или ги завршуваш домашните обврски, мислиш на ручек, договараш активности, успат купуваш млеко, па некаде помеѓу сето тоа сфаќаш дека веќе е вечер, а ти сè уште не си стигнала да се напиеш вода. Познато?
Животот на мајките е прекрасен, но и хаотичен. Понекогаш се чувствуваме како октопод со премалку раце. Дури и кога сакаме да бидеме супер организирани, реалноста не секогаш дозволува. Но, добра вест – не мора да биде совршено за да биде убаво!
Во овој пост ќе зборуваме за мали трикови што можат да ти го олеснат секојдневието, да ти заштедат време и да ти помогнат да се чувствуваш помалку преплавена од обврски (нешта кои функционираар за мене па сакам да ти ги понудам како можност). Не мора сè да примениш одеднаш, туку пробај она што ти звучи најизводливо. Да почнеме!
1. Направи реален распоред – и држи се до него (колку што можеш)
Кога сè е во хаос, првиот чекор е да внесеш малку структура. Не мора да имаш крута агенда, но ако барем малку однапред испланираш што те чека, денот ќе тече полесно.
Совет: Користи бележник, Google Calendar или обична тетратка за да запишеш што мораш да завршиш.
2. Утрински и вечерни рутини – малку подготовка, многу олеснување
Добрите навики можат да направат огромна разлика.
Наутро: Ако успееш да станеш 15-30 минути пред децата, ќе имаш време да се разбудиш и да го почнеш денот помирно.
Навечер: Подготви облека, ранци, ручеци – сè што можеш да направиш однапред ќе ти заштеди време и нерви наутро.
3. Делегирај – не мораш сè сама!
Ако имаш партнер, вклучи го! Ако децата се поголеми, нека помагаат со мали задачи. Дури и тргнување играчки или местење кревет е нешто!
4. Готвење без стрес – паметни трикови за брзи оброци
Планирај однапред: Одлучи што ќе се јаде цела недела.
Готви повеќе: Замрзни дел од храната за денови кога немаш време.
Избери едноставни рецепти: Брзи, здрави оброци без многу состојки.
Понекогаш е ОК, кога ќе зготви и тато или баба или едноставно нарачај оброк еднаш во неделата и здивни и ти малку.
5. Време за себе – НАЈВАЖНАТА задача на твојот список!
Ако ти не се грижиш за себе, нема да можеш да се грижиш за другите. Одвои 10-15 минути дневно за нешто што те опушта – шолја чај, тивка музика, кратка прошетка, книга… што и да те прави среќна.
6. Прифати дека нема совршенство – и тоа е во ред!
Некои денови ќе бидат хаотични, а некои денови ќе бидат прекрасни. Ако нешто не оди според планот – пушти. Среќна мама = среќно семејство.
Што е твојот најголем предизвик во организацијата? Имаш ли некој трик што ти го олеснува животот?
Пиши ми во коментар, би сакала да знам!


Секој месец правам распоред со мои и смените на маж ми, кои денови работиме заедно, кога ни треба некој да ни го чува детето(ако смените ни се поклопат), во распоредот по потреба вметнувам ако закажам за на лекар, заболекар, случки во градинка и значајни денови. Распоредот е залепен на фрижидер. Life changing!