Кога прв пат станав мајка, не знаев што да очекувам. Филмовите велат дека наскоро доаѓаат низа магични моменти. Другарките велеа: „Додека трепнеш ќе пораснат.“ Од оваа гледна точка, растењето на првото дете ми беше песна, иако реално не беше.
Но имаат право кога велат дека сè се заборава. Еве, со второво повторно се потсетувам. Има моменти кога сакам да избегам од сè, но и такви кога се топам од само еден поглед. Има и такви кога се смеам од срце, ама и такви кога плачам, а не знам ни зошто го правам тоа.
Мајчинството е како една голема книга со безброј поглавја. Некои страници се лесни и весели, други тежат повеќе отколку што мислев дека можам да издржам. Но сите тие страници заедно ме учат – за љубовта, за трпението, за тоа дека не мора секогаш да сум совршена.
- Љубовта е огромна, ама уморот е уште поголем.
Никој не ти кажува дека можеш да сакаш некого до бескрај – и истовремено едвај да чекаш да заспие, за да можеш да одмориш од се. - Чувството на вина е твојот најдобар другар многу често.
Не си доволно присутна? Купи храна, наместо да зготвиш? Го остави децата на баба за да излезеш со пријателка? Сè е повод за вина во твојата глава понекогаш – иако децата се среќни. - Совршената мајка не постои.
И нема да постои! Исто како што нема совршено дете. Постоиме само ние – со нашите добри денови и/или катастрофални денови. - Секој хаос дома еден ден ќе биде спомен што измамува насмевка.
Денес си нервозна од играчките расфрлани насекаде. За 20 години, можеби ќе плачеш кога ќе видиш празна и чиста соба. - Понекогаш мајчинството е осамено.
Иако си опкружена со деца, со партнер, со семејство, понекогаш се чувствуваш како да си сама. И тоа е нормално. - Плачеш и кога си среќна.
Има моменти кога детето ќе направи нешто мало – ќе каже „мамо те сакам“, ќе нацрта срце – и одеднаш “солзи сами капат, прости ми”… - Мајчинството е најтешката и најубавата работа што никогаш не ја напушташ.
Не постои отказ, не постои пауза. Постоиш ти и твоето дете – и љубов што секој ден ти го преполнува срцето. И кога мислиш дека не можеш повеќе да ги сакаш- МОЖЕШ! И во тоа е убавината на оваа “професија”.
Сите овие моменти ни покажуваат дека мајчинството е истовремено убаво, тешко, хаотично и полно магични моменти.
А вие ? Во која од овие ситуации се пронаоѓате најмногу и што би додале на оваа листа?

